На 34-тата Седница на Советодавната група за Европска рамка на квалификации која се одржа од 3-4 февруари 2016 година во зградата van Maerland во Брисел, Република Македонија успешно го презентираше и одбрани Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации. Делегацијата на Министерството за образование и наука ја сочинуваа: Наташа Јаневска, Државен советник; Борчо Алексов, Помошник раководител за високо образование; Нада Стоименова и Аспасија Хаџишче, советници.
Советодавната група за Европска рамка на квалификации е основана од страна на Европската Комисија за подршка на спроведувањето на препораките на Еврпскиот парламент и Советот на Европа за воспоставување на Европска рамка на квалификации за доживотно учење од 23 април 2008 година. Советодавната група за Европска рамка на квалификации е одговорна за обезбедување на целокупната кохерентност и промовирање на транспарентноста на процесот на поврзување на системите за квалификации со Европската рамка на квалификации. Советодавната група ја сочинуваат претставници на земјите членки на Европската унија, земјите кандидати за членство, социјални партнери, младински организации и други релевантни организации и здруженија.
Заради спроведување на препораките за Европската рамка на квалификации, Советодавната група има за цел да обезбеди дека методологиите кои се применуваат од страна на земјите за поврзување на националните нивоа на квалификации со Европската рамка на квалификации се кохерентни и даваат консистентни резултати како и тоа дека се следат јасни процедури и критериуми за прикажување на достапните информации за начинот на примена на методологиите за поврзувањето на националните квалификации во согласност со усвоените критериуми и процедури за поврзување со Европската рамка на квалификации. Во рамките на својот мандат Советодавната група се грижи и за понатамошното развивање на Европската рамка на квалификации, соработката со Европскиот простор за високо образование, со Евроските вештини, компетенции и занимања (ESCO) како и со другите европски иницијативи.
Процесот за поврзување на Македонската рамка за квалификации со Европската рамка за квалификации траеше речиси две години и во склоп на активностите по тој повод беа одржани бројни семинари и јавни расправи во кои беа вклучени сите релевантни општествени чинители, надлежни органи, студенти, образовни установи, здруженија, институции и работодавачи, како резултат на што беше изготвен извештајот.
Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации се осврнува на националниот систем за образование, системот за обезбедување на квалитет при стекнување на квалификациите и одговор на десетте критериуми за поврзување со Европската рамка за квалификации. Покрај ова, Извештајот на Република Македонија ги содржи и одговорите на критериумите и процедурите за самопотврдување на Националната рамка на високообразовните квалификации којашто е обврска од Европскиот простор на високо образование (Болоњскиот процес).
Критериумите за процесот на поврзување изискуваат и вклучување на меѓународни стручњаци. Во случајот на Македонската рамка на квалификации како меѓународни стручњаци беа вклучени госпоѓа Едварда Кастел Бранко од Европската фондација за обуки и господин Миле Џелалија од Хрватска кои со своите препораки и искуство имаа значителен придонес во квалитетот и прегледноста на содржината на извештајот.
Претставувањето на Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации го најави госпоѓа Ана Карла Переира, претседавач на Советодавната група која ја поздрави делегацијата на Република Македонија и ги запозна членовите со активностите и напорите на Република Македонија за воспоставување на Национална рамка на квалификации и нејзиното поврзување со Европската рамка на квалификации како и со активното учество на земјата преку својот претставник во Советодавната група.
EQF_AG_Referencing Macedonian_Qualification Framework 3-4 Feb 2016 BXL (2)
About the author