Yearly Archive 2017

Дебата за нацрт – текстот на Прирачникот за развивање квалификации и прилагодување на постоечките квалификации во Македонската рамка на квалификации

 За да се обезбеди квалитет во процесот на развивање квалификации потребно е да се изготват процедури, прирачници и други документи во кои се дават насоки како да се одвива процесот на НРК и кои принципи и критериуми да се почитуваат. Во таа насока на 26 јануари  2017 во просториите на Стопанската комора на РМ се одржа дебата по нацрт – текстот на Прирачникот за развивање квалификации и прилагодување на постоечките квалификации во Македонската рамка на квалификации со цел да се изврши консултација со широк круг на засегнати страни околу нацрт верзијата на Прирачникот, кој што содржи информации како да се развијат нови квалификации и да се прилагодат постојните согласно препораките на Македонската рамка на квалификации и Европската рамка на квалификации.  Дебата ја водеа државниот советник во МОН, Наташа Јаневска, и експертот од Ирска, Ан Марфи и во неа учествуваа претставници од МОН и другите образовни институции (Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Центарот за образование на возрасните) Државниот испитен центар, Министерството за труд и социјална политика, преставници од средните стручните училишта и високообразовните институции, понудувачи на образовни услуги, комори, работодавачи, членовите на Националниот одбор за МРК и преставници/експерти од други проекти. На дебатата се дискутираше по содржината на текстот од Прирачникот кои опфаќа повеќе делови:

  1. Вовед во македонската рамка на квалификации – во кој се дава преглед за структурата, нивоата, описите на нивоата, типовите на  квалификации, кредит системите и Регистарот  на квалификации на МРК;
  2. Предлагање нова квалификација – изготвување предлог за нова квалификација, структура на квалификацијата, објаснување за структурата на квалификацијата, листа на насоки за развивање нова квалификација согласно потребите на пазарот на труд и сл;
  3. Сложени контексти при развивање нова квалификација во РМ;
  4. Развивање нови квалификации – фази при развивање нова квалификација, утврдување на потребата од развивање нова квалификација, одобрување и ревидирање на квалификацијата;
  5. Користење на резултатите од учењето во нови квалификации – користење на пристапот на резултати од учењето при развивање на новата квалификација и оценување на резултатите од учењето;
  6. Воведување модули и семестри;
  7. Квалификации за доживотно учење;
  8. Признавање/валидација на неформалното учење засновано на резултати од учењето поврзани со квалификации;
  9. Вклучување  квалификации во Регистерот за МРК;
  10. Принципи за осигурување квалитет за новите квалификации;
  11. Адаптирање на постојните квалификации според критериумите на МРК и ЕРК – разбирање на процесот на адаптирање на постојните квалификации според  критериумите на МРК и ЕРК и кои квалификации да се изберат и зошто, како да се анализираат постојните квалификации и како да се одреди релевантниот опфат на измените на постоечките квалификации, како да се изменат квалификациите, резултатите од учењето во адаптираните квалификации и одредување на нивото во МРК, оценување на резултатите од учењето според принципите за осигурување  квалитет, адаптирање на постојните квалификации во контекст на Регистерот на МРК;
  12. Развивање или адаптирање квалификации од тригодишното стручно образование;
  13. Развивање или адаптирање квалификации од четиригодишното стручно образование;
  14. Развивање или адаптирање квалификации од постсредното образование;
  15. Развивање или адаптирање квалификации од високото образование;
  16. Развивање или адаптирање квалификации од образование за возрасни;
  17. Развивање или адаптирање на општо образовните квалификации.

Во целата дискусија посебен акцент беше ставен на принципите за осигурување на квалитет во развојот на квалификациите, а еден од заклучоците беше изготвување на еден заеднички терминолошки речник.

Кои се предизвиците и практичните чекори на Националната рамка на квалификации – 2020

Во рамките на Твининг проектот,,Понатамошен развој и имплементација на националната рамка на квалификации, по низа работилници за јакнење на капацитетите на членовите на Националниот Одбор за МРК,  на 17 јануари 2017 се одржа семинар на тема: ,,Анализирање, развивање и подготвување практични чекори за 2020,,  што беше предизвик за членовите на Националниот одбор на МРК кои учествуваа на семинарот. Семинарот го водea  експертите од проектот: Ајлин Понтон, Шила Дун, Рос Крафорд (Шкотска), и Марта Пониковска (Полска).

На семинарот  се дискутираше по две прашања:

  1. Како би изгледала Македонската рамка на квалификации во 2020 година како успешна рамка на квалификации ?
  2. На кои приоритети треба да се фокусираме и кои активности треба да се реализираат за тоа да се постигне?

Членовите на Националниот Одбор за МРК во предизвиците за НРК главен фокус ставија на одржливоста на рамка, нејзината флексибилност и транспарентност за да може секој да ја користи и и силната соработка со сите чинители. Исто така, истакнаа, дека таа треба да биде составен дел (интегрален дел) од системот и  легислативата и да овозможува мобилност од едно ниво во друго повисоко ниво.

Но најважно од се, е да има квалитет преку развиени стандарди за квалитет,  и релевантност на квалификациите според потребите на пазар на труд и потребите на општеството и личниот развој на поединецот.

Работни средби во рамките на студиската посета во Полска

Во рамките на твининг проектот “Натамошно подобрување на системот за развивање и имплементација на Националната Рамка на Квалификации” – MK 13 IPA SO 02 15, во периодот од 29 мај до 2 јуни, делегација од Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасните беше на студиска посета во Варшава,  Полска каде оствари работни средби со преставници на институции вклучени во системот на квалификации во Полска, стопанските комори како директна врска со работодавачите и  Секторските совети на квалификации кои вршат анализа на стандардите на квалификации.

На студиската посета во Полска на работните средби беа разменети искуства за процесот на воспоставување и развивање на националните рамки на квалификации. Делегацијата од Македонија беше во посета на Образовниот исражувачки институт, Бирото за развој на образованието, Централната комисија за испитување, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Полско – Германската стопанска комора и Агенцијата за развој и претприемништво во Варшава и Агенцијата за вработување и Центарот за практична обука во Краков, каде  се запознаа со видовите квалификации и процесот на дизајнирање на нови квалификации,  активностите за промоција и препознавање на важноста на квалификациите, развивање на меѓуинституционалните соработки, процесите на доделување на кредити во стручното и високото образование, обезбедување на квалитет во процесот на развивање на квалификации и доделување на квалификации, управување со регистарот на квалификации, како и начините за прибирање на релевантни и навремени информации од пазарот на труд за развивање на нови квалификации.

Во рамките на студиската посета делегацијата оствари средба со полската министерка  за образование г-ѓа Ана Залевска, на која беа разменети искуства за процесот на развивање и воспоставување на  националните рамки на квалификации како алатки за промоција на доживотното учење, комуникација со заинтересираните страни и корисници на рамката и воспоставување на рамнотежа помеѓу услугите што ги нуди образованието и потребите на пазарот на труд.

http://mon.gov.mk/index.php/2014-07-23-14-03-24/vesti-i-nastani/2010-2017-05-30-10-41-21

https://men.gov.pl/ministerstwo/informacje/zintegrowany-system-kwalifikacji-rozmowy-z-przedstawicielami-ministerstwa-edukacji-i-nauki-macedonii.html

Првата квалификација впишана во Регистарот на Националната рамка на квалификации

На седницата на Националнот одбор за Македонската рамка за квалификации одржана на 5 декември 2017 беше усвоен Стандардот на квалификација Обучувач на Обучувачи за Македонскиот систем на квалификации и доделено V-то Б ниво во НРК.  Истиот ке биде првиот Стандард на квалификација впишан во Регистарот на НРК.

Стандардот на квалификација Обучувач на Обучувачи за Македонскиот систем на квалификации е изработен врз основа на Стандардот на занимање Обучувач и го помина целиот процес на осигурување на квалитет пред да биде впишан во Регистарот.

На истата седница се донесоа и Одлуки за одобрување на неколку документи изработени од интернационални и национални експерти во рамките на ИПА Проекти и Проектот од Светска банка:  Прирачник за  адаптирање на постоечките квалификации, Прирачник за равивање на нови квалификации, Методологија за развивање на нови квалификации и Процедура за осигурување квалитет: Евалуација на ново развиена квалификација.

На предходната седница, одржана на 31 ноември 2017 година, Одборт усвои протоколи за соработка со повеќе институции кои се вклучени во процесот на развој и имплементација на НРК: Протокол за соработка со клучните учесници во НРК, Протокол за соработка на Националниот одбор за Македонската рамка за квалификации и Одборот за акредитација и евалуација во високото образование за евалуација на стандарди на квалификации и вкучување на квалификациите во МРК, Протокол за соработка на Секторските комисии за квалификации во општи и одделни случаи на заедничка надлежност за предложени стандарди на занимање, стандарди на квалификации и програми и Протокол за заеничко работење на Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и Центарот за образование на возрасните за развој на  стандарди на занимање, стандарди на квалификации и развој на образовни програми.

Работилница со преставници од 16 – те Сектори за квалификации

Во рамките на започнување на процесот за формирање на Секторските комисии за квалификации, во ЕУ Инфо Центарот, на 8 јуни, се одржа  работилница со преставници од работодавачите од различни сектори. Работилницата ја отвори претседателот на Националниот одбор за Македонска рамка на квалификации, Борчо Алексов, кој ја нагласи важноста на работодавачите во целиот процес на квалификации и формирањето на Секторските комисии за квалификации. Тој потенцираше дека Секторските комисии за квалификации како стручни тела ќе вршат анализа на состојбата и тенденциите на пазарот на трудот, ќе ги анализираат постојните квалификации, ќе ги идентификуваат потребите за сите видови на квалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот и општеството во целина, ќе предлагаат  квалификации,  ќе разгледуваат предлози за воведување на нови квалификации, ќе даваат мислење за усогласеноста на стандардите на занимањата/стандардите на квалификации со испитните програми, ќе формираат комисии за оценување и потврдување на резултатите од учењето (знаења, вештини и компетенции) во неформалното образование и обука, и ќе ги промовираат секторите на квалификации и можностите за вработување во нив.

Целта на работилницата беше  да се разгледаат нацрт-сет на упатства за Секторските комисии за квалификации, вклучувајќи  и предлози како да се спроведе процесот на прилагодување на постоечките квалификации за 16-те сектори на квалификации дефинирани во Законот за Национална рамка на квалификации.

Работилници за нови квалификации според потребите на пазарот

Во рамките на Tвининг  проектот за Национална рамка на квалификации, во периодот од 03.07.2017 до 07.07.2017 година се одржаа работилници за развивање на нови квалификации во два сектора, Секторот за туризам и угостителство и Секторот електротехника, подсектор ИТ на барање на пазарот на труд. Работилниците беа поддржани од Комората за туризам и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), а во соработка со МОН и  експертите од Полска:  Wojciech Stechly,  Michal Sitek,  Maciej Lasota и Roxana  Pierwienicka.

На работилниците учествуваа претставници од: Министерството за образаование и наука, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Комората за туризам на Република Македонија, Центарот за образование на возрасни, Центар за стручно образование и обука, наставници од средните стручни училишта, како и претставници од туристичките агенции и ИТ компаниите и Центрите за обука.

При изработката на стандардите на квалификации од страна на експертите беше истакнато фокусот да се стави на тоа што треба да знаат и да прават лицата кога ќе ја стекнат квалификацијата, а не што ќе учат. Учењето е процес на дизајнирање на наставната програма согласно стандардот на квалификација. Беше презентирана и разликата помеѓу стандард на квалификација  како стандардизиран опис на квалификацијата со одредени елементи кои се бараат и квалификација како формален резултат од процесот на евалуација и потврдување кој се стекнува кога одговорната институција потврдува/ сертифицира дека поединецот ги има постигнато резултатите од учење согласно утврдените стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.

Во Секторот за туризам и угостителство беа развиени нацрт квалификациите : Бариста и Продавач на авио билети, додека во Секторот електротехника, подсектор ИТ нацрт квалификациите: Јава програмер и лице за тестирање на софтвер.