Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите

Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со членови на Националниот Одбор за МРК – преставници од МОН, денеска присуствуваше на конференцијата „Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите“, во организација на Стопанската комора на Македонија.

Во своето обраќање Ристовски истакна дека Министерството за образование и наука има направено низа реформи и активности за подобрување на можностите за стекнување и примена на образовните квалификации и зголемувањето на нивната препознатливост. За таа цел во 2013 беше усвоена Македонската рамка на квалификации која е во согласност со Европската рамка на квалификации што претставува врска помеѓу системите на квалификации на различните земји и инструмент за олеснување на комуникацијата меѓу нив. Но најважно од сé е потенцираше Ристовски , овој национален стандард да заживее, за што од голема помош е вклученоста на бизнис заедницата во него.

„Со зголемувањето на важноста на доживотното учење и зголемената потреба за флексибилен пристап до образование и обука согласно потребите на пазарот на трудот, се јавува потреба од зголемување на транспарентноста на квалификациите стекнати формално или неформално, во земјата и во странство. Образованието и обуката имаат клучна улога во развојот и промоцијата на општество засновано на знаење, конкурентност и иновативност, а тоа ни е потребно за да можеме да одговориме на предизвиците на глобализацијата“, рече Ристовски.
Минатата година беше формиран Националниот одбор за Македонската рамка за квалификации кој веќе работи и во кој се вклучени членови од стопанските комори. Информации за активностите може да следат на www.mrk.mk, каде е достапен и Каталог на квалификации кој ќе прерасне во Регистар на квалификации.

По завршување на конференцијата членовите на Националниот Одбор за МРК одржаа средба со преставници од работодавачите и студентите на која беше презентирано значењето на МРК, како национален стандард на нашата земја кој го регулира стекнувањето и користењето на квалификациите, од аспект на работодавачите како побарувачи на квалификациите за пополнување на работните места и од аспект на студентите кои ги стекнуваат квалификациите за побрза вработливост, личен развој и мобилност, како во образованието и обуката, така и на пазарот на труд.

About the author

asseco see administrator

Leave a Reply