Во рамките на Tвининг проектот за Национална рамка на квалификации, во периодот од 03.07.2017 до 07.07.2017 година се одржаа работилници за развивање на нови квалификации во два сектора, Секторот за туризам и угостителство и Секторот електротехника, подсектор ИТ на барање на пазарот на труд. Работилниците беа поддржани од Комората за туризам и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), а во соработка со МОН и експертите од Полска: Wojciech Stechly, Michal Sitek, Maciej Lasota и Roxana Pierwienicka.
На работилниците учествуваа претставници од: Министерството за образаование и наука, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Комората за туризам на Република Македонија, Центарот за образование на возрасни, Центар за стручно образование и обука, наставници од средните стручни училишта, како и претставници од туристичките агенции и ИТ компаниите и Центрите за обука
При изработката на стандардите на квалификации од страна на експертите беше истакнато фокусот да се стави на тоа што треба да знаат и да прават лицата кога ќе ја стекнат квалификацијата, а не што ќе учат. Учењето е процес на дизајнирање на наставната програма согласно стандардот на квалификација.
Беше презентирана и разликата помеѓу стандард на квалификација како стандардизиран опис на квалификацијата со одредени елементи кои се бараат и квалификација како формален резултат од процесот на евалуација и потврдување кој се стекнува кога одговорната институција потврдува/ сертифицира дека поединецот ги има постигнато резултатите од учење согласно утврдените стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.
Во Секторот за туризам и угостителство беа развиени нацрт квалификациите : Бариста и Продавач на авио билети, додека во Секторот електротехника, подсектор ИТ нацрт квалификациите: Јава програмер и лице за тестирање на софтвер.
About the author