Author Archive asseco see

Хоризонтална и вертикална поставеност на МРК во сеопфатната Стратегија за образование 2016-2020


На 26 и 27 септември 2016 год. во Маврово се одржа дво – дневна работилница  на тема: “Зајакнување на капацитетите на релевантните организации на заинтересираните страни да учествуваат во политиките во сферата на образованието” на  која се споделија добри практики  за успешни структури на воспоставен дијалог на ниво на градење на политики помеѓу образовната страна и страната на работодавачите.

На самата работилница  државниот советник во МОН, г-ѓа Наташа Јаневска, презентираше за сегашната состојба на Македонската рамка на квалификации и нејзината хоризонтална и вертикалнта поставеност во сеопфатната Стратегија за образование 2016-2020 како инструмент за комуникација на сите заинтересирани страни  вклучени во процесот на квалификацискиот систем и  реформи во образованието за стекнување на квалификации потребни на пазарот на труд или личен развој на поединецот во процесот на доживотно учење.

Во насока на стекнување на квалификации, поминати низ целиот процес на осигурување на квалитет, кои ќе бидат транспарентни, препознати и признати нанационално и меѓународно ниво, се преземаат низа реформи во системот на образованието и обуката. Една од најважните реформи е процесот на редизајнирање на наставните програми врз основа  на резултати од учење и оценување на постигнувањето на резултатите од учење и модуларниот пристап и практична работа кај работодавачи во стручното образование и обука.

 

Институцијална поставеност и методологија за развивање на квалификации во НРК

Во рамките на Твининг проектот за понатамошно подобрување на имплементацијата на Националната рамка на квалификации на 06 април 2016 година, на Машинскиот факултет, УКИМ, Скопје беше одржан семинар на тема: „Институционална поставеност и методологија за развивање на квалификации во Националната рамка на квалификации

На семинарот учествуваа претставници од различни институции, како креатори на образовни политики, изработувачи на програмски документи за квалификации, понудувачи на квалификации и корисници на квалификации.

На семинарот беа пренесени добри практики од Шкотска, Полска, Ирска и Хрватска и се направи шематски приказ како треба да изгледа институционалната поставеност во развивањето и одобрувањето на квалификациите.

 

 

Работилница за изготвување на патоказ за понатамошна имплементација на МРК

На 23 септември 2016 во Делегација на ЕУ, се одржа втората работилница за изготвување на Патоказ за понатамошна имплементација на Македонската рамка на квалификации кој ќе биде презентиран на состанокот на Советодавната група за ЕРК во фебруари 2017 во Брисел.

Патоказот се состои од работни пакети,  кои се однесуваат на следните подрачја:

  1. Концептуална рамка,
  2. Управување со МРК и вклученост на заинтересираните страни во целиот процес на МРК, Имплементација на резултатите од учење,
  3. Развивање и имплементација на процесот на признавање на неформалното и информалното учење,
  4. Вклучување на квалификациите во МРК,
  5. Осигурување на квалитетот,
  6. Законска поставеност и
  7. Осигурување на квалитет во спроведување на патоказот.

Во овие подрачја се предвидени низа активности за понатамошна имплементација на Македонската рамка на квалификации во насока на нејзина одржливост.

На работилницата присуствуваа преставници од повеќе образовни институции, комори, организација на работодаваци и меѓународни координатори на проекти кои се спроведуваат во Репубулика Македонија. Работилницата ја водеа меѓународни експерти, членови на Советодавната група за ЕРК, г-ѓа Ewa Chmieletcka и г-динот Миле Џелалија.




Преку конкретни стимулативни мерки до очекуван раст и приход од туризмот во вкупната економија

На покана на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија и Министерството за економија на РМ, Државниот советник, Наташа Јаневска, учествуваше на Конференција на тема: ,,Преку конкретни стимулативни мерки до очекуван раст и приход од туризмот во вкупната економија,, што се одржа 6 декември 2016 година, во Стопанска комора на Македонија, на која зборуваше за реформите во образованието и обуката во насока на стекнување на подобри квалификации релевантни на пазарот на труд, посебно во секторот за угостителство и туризам, на ниво III, IV и VI од Македонската рамка на квалификации и мобилност на работната сила.

Таа истакната дека улогата на сите заитересирани страни во овој процес е од непроценливо значење, посебно од страна на бизнис секторот, во изготвувањето на стандардите на занимања и стандардите на квалификации базирани на резултати од учењето, во дизајнирањето на наставните и студиски програми согласно стандардите, изведувањето на практичната настава кај работодавачите за стекнување на практичните вештини на учениците/студентите, како можност за обезбедување на квалитетен кадар со подобри квалификации при вработување, во кои не ќе треба понатаму многу да вложуваат.

Главен акцент на конференција беше презентирање на конкретните состојби во угостителство и туризмот, но и перспективите согласно потребите и светските трендови и да се добие одговор како преку конкрени стимулативни мерки да се обезбеди очекуван раст и приход на туризмот во вкупната економија.

На конференцијата покрај членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, учествуваа преставници од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, од бизнис асоцијациите ХОТАМ и СКТМ, од средните и високообразовните институции и други институции и организации кои во овој период активно работат на преземање одредени мерки во насока на реформирање на секторот угостителство и туризам по разни основи.

Работилници за членовите на Националниот Одбор за МРК

Во рамките на ИПА Твининг проектот: „Понатамошно подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка за квалификации“ – MK 13 IPA SO 02 15, кој започна на 18 јануари 2016, како поддршка на процесот за натамошно унапредување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации, се одржаа неколку работилници за членовите на Националниот Одбор за Македонската рамка на квалификации и останатите чинители поврзани со системот на квалификации.

Работилниците беа водени од интернационални експерти од Полска, Шкотска и Хрватска на кои споделија искуства и добри практики од нивните земји и се дискутираше за прашања поврзани со Македонската рамка на квалификации (институционална поставеност на системот за МРК, хармонизација на законската легислатива со Законот за НРК, усогласување на терминологијата во сите закони со НРК, видовите на квалификации и стандардите на занимања и на квалификации). Посебен акцент се стави на процесот на осигурување на квалитет во системот на квалификациите и за надзорот на квалитетот во неформалното стекнување на квалификации.

На овие работилници експерти од Шкотска, Полска и Ирска презентираа искуства од своите земји за начинот како се развиваат квалификациите и нивно вклучување во рамка на квалификации, кои се телата кои ги дизајнираат квалификациите и телата кои го одредуваат нивото и ги вклучуваат квалификациите во рамката, какви процедури и методологии имаат развиено за тој процес и за стандардите на занимања и на квалификации. Експертот од Франција го презентираше искуството за процесот на валидација на неформалното и информалното учење и вклучување на квалификации стекнати по пат на неформално учење.
Работилниците се одржуваа во повеќе институции како стопанска комора на РМ, Занаетчиска Комора на град Скопје, Полската амбасада во Македонија, Машински факултет, Скопје и Комората за туризам, Скопје.

Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со членови на Националниот Одбор за МРК – преставници од МОН, денеска присуствуваше на конференцијата „Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите“, во организација на Стопанската комора на Македонија.

Во своето обраќање Ристовски истакна дека Министерството за образование и наука има направено низа реформи и активности за подобрување на можностите за стекнување и примена на образовните квалификации и зголемувањето на нивната препознатливост. За таа цел во 2013 беше усвоена Македонската рамка на квалификации која е во согласност со Европската рамка на квалификации што претставува врска помеѓу системите на квалификации на различните земји и инструмент за олеснување на комуникацијата меѓу нив. Но најважно од сé е потенцираше Ристовски , овој национален стандард да заживее, за што од голема помош е вклученоста на бизнис заедницата во него.

„Со зголемувањето на важноста на доживотното учење и зголемената потреба за флексибилен пристап до образование и обука согласно потребите на пазарот на трудот, се јавува потреба од зголемување на транспарентноста на квалификациите стекнати формално или неформално, во земјата и во странство. Образованието и обуката имаат клучна улога во развојот и промоцијата на општество засновано на знаење, конкурентност и иновативност, а тоа ни е потребно за да можеме да одговориме на предизвиците на глобализацијата“, рече Ристовски.
Минатата година беше формиран Националниот одбор за Македонската рамка за квалификации кој веќе работи и во кој се вклучени членови од стопанските комори. Информации за активностите може да следат на www.mrk.mk, каде е достапен и Каталог на квалификации кој ќе прерасне во Регистар на квалификации.

По завршување на конференцијата членовите на Националниот Одбор за МРК одржаа средба со преставници од работодавачите и студентите на која беше презентирано значењето на МРК, како национален стандард на нашата земја кој го регулира стекнувањето и користењето на квалификациите, од аспект на работодавачите како побарувачи на квалификациите за пополнување на работните места и од аспект на студентите кои ги стекнуваат квалификациите за побрза вработливост, личен развој и мобилност, како во образованието и обуката, така и на пазарот на труд.

Соработка помеѓу образованието и секторот за туризам и угостителство

Во соработка со Британскиот Совет се одржа работилница во која прокрај претставници од МОН беа вклучени и  работодавачи и  претставници од средните стручни училишта и универзитетите од секторот туризам, со цел да се нагласи  нивното незаменливото учество во процесот на имлементација на Македонската рамка на квалификации  Со тоа ќе се овозможи лесна препознатливност на претходните и на новите квалификации од страна на работодавачите во земјава и во странство како можност за поголема вработливост на пазарот на трудот.

За да се постигне целта, на настанот во септември 2016, кој беше под водство на британскиот експерт Стефан Џон, учествуваа претставници од Центарот за стручно образование, Стопанската Комора за Туризам на Македонија, Стопанската Комора на Република Македонија, претставници од средните стручни училишта од Угостителско – туристичката струка од повеќе градови од Македонија и Универзитетот за Туризам и Менаџмент од Скопје.

Британскиот експерт Стефан Џон сподели најдобри практики од Велика Британија за улогата на работодавачите и за сите кои се вклучени во процесот на образувание и обука во формалното и неформалното образование, при што голем акцент беше ставен на улогата и важноста од формирање на Секторската комисија за туризам и угостителство во Македонија.

Свое обраќање за значењето на Секторските комисии имаше и Нада Стоименова, советник во одделението за НРК при МОН и член на работната група за имплементација на НРК.

pishuvanje_kvalifikacii

pishuvanje_rezultati_od_uchenje

razvivanje_nastavni_programi-ugostitelstvo

sektorski_soveti_za_veshtini (1)

sektorski_soveti_za_veshtini

standardi_za_zanimanje

Размена на искуства за процесот на поврзување на НРК со ЕРК

Во организација на Европската фондација за обуки (ETF) и Министерството за цивилни работи на Босна и Херцеговина, на 2-ри и 3-ти јуни 2016 во Неум, се одржа настан за размена на искуства за процесот на поврзување на Националните рамки за квалификации со Европската рамка на квалификации на кој беше поканета и Република Македонија. На настанот учествуваа претставници од надлежните органи на Босна и Херцеговина, работодавачи и претставници од повеќе други земји.

Во име на Министерството за образование и наука, своја презентација имаше и Борчо Алексов, Помошник раководител за високо образование и член на Советодавната група за Европската рамка на квалификации, во која се осврна на процесот на поврзување, стекнатите искуства како и совети за што поуспешно поврзување на Националната рамка за квалификации на Босна и Херцеговина. Присутните претставници од Босна и Херцеговина искажаа голем интерес за македонското искуство во поврзувањето на Македонската рамка на квалификации со Европската а особено за организацијата, структурата на извештајот, вклученоста на партнерите и придонесот од јавните расправи како и за значењето на рамката за квалификации за развојот на пазарот на трудот и придобивките на граѓаните.

Министерството за образование и наука на Република Македонија се заблагодари на Европската фондација за обуки (ETF) и Министерството за цивилни работи на Босна и Херцеговина за укажаната чест и дадената можност за прикажување на Македонската рамка за квалификации пред преставниците од Босна и Херцеговина и искуствата во процесот на поврзување и изрази спремност за понатамошна подршка на Босна и Херцеговина во овој процес.

 

Проект за натамошно унапредување на системот за развој и имплементација на НРК

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми се обрати на настанот посветен на започнувањето на новиот Твининг проект: ,,Понатамошно унапредување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации,,.

Адеми потенцираше дека создавањето на конкурентен европски простор во областа на образованието, економијата и пазарот на трудот бара мобилност на квалификацијата и нивно јасно препознавање и користење од страна на поединците, работодавачите и целата општествена заедница. Затоа и се воспостави Европска рамка на квалификации како нов европски систем на вредности и нов однос кон образованието и обуката, која ќе биде прифатлива како за земјите членки на ЕУ, така и за земјите кои сакаат да се приклучат на европското семејство, рече Адеми.

„Од тука се наметна и потребата за развивање на Национална рамка на квалификации како клучен инструмент за промена во процесот на учењето и обуката и инвестирање во човековиот капитал. Таа е основа за државите да го подготват системот на образование и обука и системот на квалификации за иднината, според општествените и економските потреби на пазарот на трудот и е во согласност со имплементацијата на Препораката на Европскиот парламент и Совет од 28 април 2008 за воспоставување на Европска рамка на квалификации за доживотно учење“, рече Адеми.

Националната рамка на квалификации претставува национален стандард на нашата земја кој го регулира стекнувањето и користењето на квалификациите, засновани на актуелните и идните побарувања на работодавачите за знаење, вештини и компетенции, и ќе овозможи поголема мобилност, како во образованието и обуката, така и на пазарот на труд, додаде министерот за образование и наука.
„Таа е инструмент за комуникација и реформи, алатка за доверба и поддршка на креаторите на политиките, на работодавачите, учесниците во процесот на учење, родителите, носителите на квалификации и останатите заинтересирани страни во градењето на системот на квалификации, преку нивно активно учество. Националната рамка за квалификации во нашата земја, заедно со Законот за Национална рамка на квалификации, е усвоена во октомври 2013 година и затоа нејзината имплементација е една од најдолгорочните стратешки цели на нашата земја“, рече Адеми.

Општата цел на овој проект е да го поддржи процесот на натамошно унапредување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации и нејзино упатување со Европската рамка на квалификации во соработка со конзорцискиот тим на експерти од Полска, Хрватска и Шкотска.

„Процесот придонесува за јакнење на партнерство, на национално, регионално и меѓународно ниво. Токму затоа е и овој проект, поддржан од ЕУ, кој ќе придонесе во имплементацијата на Националната рамка за квалификации преку експертиза и пренесување на искуства и добри практики од други земји“, рече Адеми.

Проектот се состои од три компоненти:
1. Подобрување или усогласување на релевантно законодавство во однос на НРК
2. Зајакнување на институционалните капацитети за воведување на НРК
3. Процес на развој на квалификациите за НРК

Активностите кои ќе се преземат за реализација на трите компоненти беа презентирани од страна на Проектниот лидер г-ѓа Агнешка Доминжак и г-дин Хорациј Дембовски од Полска, г-ѓа Ана Тецилазиќ Горшиќ од Хрватска и г-ѓа Алин Полтон од Шкотска. За придобивките од Проектот говореше г-ѓа Наташа Јаневска, државен советник во МОН и национален проектен лидер која истакна дека најголема придобивка е менување на свеста за Националната рамка на квалификации, идентификација на постојните квалификации земајќи ги предвид сите нивоа на НРК и нивна соодветна распределба. вклученоста на сите заинтересирани страни во процесот на имплементација на рамката, отпочнување на процесот на формирање на секторските комисии за квалификации, сериозен пристап во процесот на осигурување на квалитет во квалификацискиот систем и развиени водичи и протоколи за осигурување на квалитет се во насока на создавање на функционален и одржлив НРК систем. Целиот настан беше модериран од страна на г-ѓа Нада Стоименова и г-ѓа Беата Балинска, постојани твининг советници од Македонија и Полска.

Како да се зборува за Националната рамка на квалификации

Во периодот од 22 – 26 септември 2017 година, во рамките на твининг проектот ,,Понатамошна имплементација на НРК,, се одржаа уште три јавни дебати во Штип, Тетово и Охрид, фокусирани на клучните прашања за натамошно зајакнување на Националната рамка на квалификации.

Главната цел на трите јавни дебати беше да се дисеминираат информации за процесот на развој на НРК и да се вклучат заинтересираните страни во планирањето на нејзиниот понатамошен развој. Јавните дебати вклучуваа три панел сесии.

Првата панел сесија на тема: ,,Како да се зборува за НРК и како истата да се користи?” беше модерирана од страна на г-динот Бранко Алексов, советник во Центарот за стручно образование и обука, а г-ѓа Агнешка Клон Доминчак, експерт од Полска, презентираше искуства од Полска, Шкотска и Хрватска, земји кои имаат изградено заеднички јазик со корисниците на НРК, што доведува до заедничко разбирање на клучните термини што се користат.

Втората панел сесија на тема ,,Кои се придобивките од НРК за локалниот развој?” беше модерирана од страна на г-ѓа Маја Крстевска, советник Центарот за образование на возрасните, а г-ѓа Катерина Травинска Конадор, експерт од Полска, во својата презентација ја нагласи улогата на НРК за локалниот развој и развивање вештини и компетенции според потребите на локалниот пазар на труд, посебно преку процесот на доживотното учење, доквалификација и преквалификација.

Третата панел сесија на тема: ,,Како да се изгради доверба во НРК?” ја модерираше, г-дин Борчо Алексов, претседател на Националниот одбор за МРК, а г-ѓа Ружица Бељо Лучик, екстперт од Хрватска, презентираше за аспектите на системот за осигурување на квалитет во контекст на градење доверба околу НРК, кој опфаќа развивање на Стандард на квалификација кој ги содржи резултати од учењето, начинот на оценување на компетенциите и акредитирање на институциите кои нудат образование и обука. Исто така, експертот од Хрватска, истакна дека треба да се хармонизираа Националната класификација на занимањата и Националната рамка на квалификации и стандардите за квалификации да вклучуваат компетенции за индивидуален развој и развој на општеството.

Во панел сесиите учествуваа наставници и директори од средните училишта, професори од високообразованите институции, преставници од локалната самоуправа, економските совети, бирото за развој на образованието, државниот и општинскиот просветен инспекторат, комори, организацијата на работодавачи, здруженија, бизнис заедницата и синдикатот.

Дискусиите за време на дебатите покажаа дека постои потреба за разговор и размена на мислења за НРК меѓу засегнатите страни. Имплементацијата на НРК во Македонија е дел од пошироката европска политика и претставува можност за учениците, студентите и за вработените од Македонија да ги препознаат и да признаат нивните квалификации и дома и во странство.

Сите три дебати заклучоците имаа исти дека НРК е важна алатка за комуникација и за прегледност на квалификациите во РМ и затоа е важно градење на терминологија за да се разберат едни со други, да зборуваат заеднички јазик. Таа воспоставува рамнотежа помеѓу пазарот на трудот и квалификациите, го поттикнува неформалното и доживотното учење и мобилноста и препознавањето.
НРК е инструмент на доверба – сите засегнати страни треба да седат заедно да создаваат стандарди на квалификации, образовни програми за квалификациите кои одговараат на потребите на пазарот на трудот и да ја реализираат потребата за обука, но со изграден систем за квалитет на обуката,.

И најважно од се, се покажа дека постои голема потреба заинтересираните страни да разговараат за Националната рамка на квалификации и дека е потребно нејзино промовирање преку кампањи, дебати, презентации, семинари и работилници.