Category Archive Новости

Работилница со преставници од 16 – те Сектори за квалификации

Во рамките на започнување на процесот за формирање на Секторските комисии за квалификации, во ЕУ Инфо Центарот, на 8 јуни, се одржа  работилница со преставници од работодавачите од различни сектори. Работилницата ја отвори претседателот на Националниот одбор за Македонска рамка на квалификации, Борчо Алексов, кој ја нагласи важноста на работодавачите во целиот процес на квалификации и формирањето на Секторските комисии за квалификации. Тој потенцираше дека Секторските комисии за квалификации како стручни тела ќе вршат анализа на состојбата и тенденциите на пазарот на трудот, ќе ги анализираат постојните квалификации, ќе ги идентификуваат потребите за сите видови на квалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот и општеството во целина, ќе предлагаат  квалификации,  ќе разгледуваат предлози за воведување на нови квалификации, ќе даваат мислење за усогласеноста на стандардите на занимањата/стандардите на квалификации со испитните програми, ќе формираат комисии за оценување и потврдување на резултатите од учењето (знаења, вештини и компетенции) во неформалното образование и обука, и ќе ги промовираат секторите на квалификации и можностите за вработување во нив.

Целта на работилницата беше  да се разгледаат нацрт-сет на упатства за Секторските комисии за квалификации, вклучувајќи  и предлози како да се спроведе процесот на прилагодување на постоечките квалификации за 16-те сектори на квалификации дефинирани во Законот за Национална рамка на квалификации.

Работилници за нови квалификации според потребите на пазарот

Во рамките на Tвининг  проектот за Национална рамка на квалификации, во периодот од 03.07.2017 до 07.07.2017 година се одржаа работилници за развивање на нови квалификации во два сектора, Секторот за туризам и угостителство и Секторот електротехника, подсектор ИТ на барање на пазарот на труд. Работилниците беа поддржани од Комората за туризам и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), а во соработка со МОН и  експертите од Полска:  Wojciech Stechly,  Michal Sitek,  Maciej Lasota и Roxana  Pierwienicka.

На работилниците учествуваа претставници од: Министерството за образаование и наука, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Комората за туризам на Република Македонија, Центарот за образование на возрасни, Центар за стручно образование и обука, наставници од средните стручни училишта, како и претставници од туристичките агенции и ИТ компаниите и Центрите за обука.

При изработката на стандардите на квалификации од страна на експертите беше истакнато фокусот да се стави на тоа што треба да знаат и да прават лицата кога ќе ја стекнат квалификацијата, а не што ќе учат. Учењето е процес на дизајнирање на наставната програма согласно стандардот на квалификација. Беше презентирана и разликата помеѓу стандард на квалификација  како стандардизиран опис на квалификацијата со одредени елементи кои се бараат и квалификација како формален резултат од процесот на евалуација и потврдување кој се стекнува кога одговорната институција потврдува/ сертифицира дека поединецот ги има постигнато резултатите од учење согласно утврдените стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.

Во Секторот за туризам и угостителство беа развиени нацрт квалификациите : Бариста и Продавач на авио билети, додека во Секторот електротехника, подсектор ИТ нацрт квалификациите: Јава програмер и лице за тестирање на софтвер.

 

Известување

Во рамките на ИПА Твининг проектот: „Понатамошно подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка за квалификации“ –  MK 13 IPA SO 02 15 (MK 13 IB SO 02), потпишан од страна на  Министерството за образование и наука, како земја корисник и  Истражувачки образовен институт (IBE) од Република Полска, Министерството за наука, образование и спорт (МЕСС) од Република Хрватска и Партнерство на Шкотската Кредитна и квалификациска рамка (SCQFP) од Велика Британија, како земји членки, во соработка со интернационалните експерти и преставници од различни институции и други корисници вклучени во процесот на Националната рамка за квалификации во  нашата земја зе изготвија нацрт документи потребни за понатамошна имлементација на НРК.

За поголема транспарентност на процесот Нацрт-документите се прикачени на нашата веб стана со цел да се информираат сите заитересирани страни и да учествиваа со свои мислења, коментари, сугестии кои ќе бидат разгледани и вклучени во документите пред да бидат конечно усвоени од страна на Националниот одбор за Македонската рамка на квалификации.

Кон систем за валидација на неформално и информално учење


Првата работилница беше одржана на 4-5 ноември 2015, во Скопје, на која се определуваа  целите и приоритетите, главните корисници, улогите и функциите на различните чинители и институции за изработка на Акцискиот план во соработка со експертот од ЕТФ, г-ѓа Едуарда Кастел Бранко  и експертот Дејвид Хендли.

И двете работилници се во насока на остварување на активностите на Концепцијата за неформално образование и информално учење, усвоена од Министерството за образование и наука. Концепцијата беше изготвена од Центарот за образование на возрасни,  во транспарентна  соработка со заинтересираните страни и со поддршка од ЕТФ,  и се основа на шест приоритетни области:

  1. Подобрување на мотивацијата на учесниците за учество во образованието на возрасни;
  2. Поттикнување на работодавачите за инвестирање во образованието и обуката на своите вработени;
  3. Осигурување дека постои отворен и еднаков пристап кон неформалното образование за сите;
  4. Реализација на учење кое е релевантно и за работодавачите и учесниците;
  5. Реализација на квалитетно и ефективно неформално образование на возрасни и
  6. Подобрување на развојот на образовните политики основани на докази и координација со други државни политики

Процесот на валидација на неформалното и информалното учење, исто така, претставува едно поглавје во Извештајот за поврзување на МРК со ЕРК и еден од критериумите кои треба да ги исполниме во Извештајот, кој Република Македонија на 3-ти февруари 2016 година, успешно го претстави пред Советодавната група на ЕРК при ЕК на 34 состанок во Брисел и еден од приоритетите на кои треба да се работи во наредниот период.

На работилницата, работна група составена од претставници на повеќе образовни институции, социјални партнери, комори и независни експерти, ги разјасни концептите, приоритетите, акциите кои треба да се планираат во соработка со други тековни проекти и се согласи со препораките за финалната верзија на Акцискиот план.

Освен тоа, на работилницата имаше и можност да се сподели добра практика од процесот на валидација на неформалното и информалното учење од Франција од страна на францускиот претставник на Советодавната група за ЕРК за ВНИУ, г-ѓа Јоланде Фермон, која има широко искуство во политики и практични услови за процесот на валидација.


Хоризонтална и вертикална поставеност на МРК во сеопфатната Стратегија за образование 2016-2020


На 26 и 27 септември 2016 год. во Маврово се одржа дво – дневна работилница  на тема: “Зајакнување на капацитетите на релевантните организации на заинтересираните страни да учествуваат во политиките во сферата на образованието” на  која се споделија добри практики  за успешни структури на воспоставен дијалог на ниво на градење на политики помеѓу образовната страна и страната на работодавачите.

На самата работилница  државниот советник во МОН, г-ѓа Наташа Јаневска, презентираше за сегашната состојба на Македонската рамка на квалификации и нејзината хоризонтална и вертикалнта поставеност во сеопфатната Стратегија за образование 2016-2020 како инструмент за комуникација на сите заинтересирани страни  вклучени во процесот на квалификацискиот систем и  реформи во образованието за стекнување на квалификации потребни на пазарот на труд или личен развој на поединецот во процесот на доживотно учење.

Во насока на стекнување на квалификации, поминати низ целиот процес на осигурување на квалитет, кои ќе бидат транспарентни, препознати и признати нанационално и меѓународно ниво, се преземаат низа реформи во системот на образованието и обуката. Една од најважните реформи е процесот на редизајнирање на наставните програми врз основа  на резултати од учење и оценување на постигнувањето на резултатите од учење и модуларниот пристап и практична работа кај работодавачи во стручното образование и обука.

 

Институцијална поставеност и методологија за развивање на квалификации во НРК

Во рамките на Твининг проектот за понатамошно подобрување на имплементацијата на Националната рамка на квалификации на 06 април 2016 година, на Машинскиот факултет, УКИМ, Скопје беше одржан семинар на тема: „Институционална поставеност и методологија за развивање на квалификации во Националната рамка на квалификации

На семинарот учествуваа претставници од различни институции, како креатори на образовни политики, изработувачи на програмски документи за квалификации, понудувачи на квалификации и корисници на квалификации.

На семинарот беа пренесени добри практики од Шкотска, Полска, Ирска и Хрватска и се направи шематски приказ како треба да изгледа институционалната поставеност во развивањето и одобрувањето на квалификациите.

 

 

Работилница за изготвување на патоказ за понатамошна имплементација на МРК

На 23 септември 2016 во Делегација на ЕУ, се одржа втората работилница за изготвување на Патоказ за понатамошна имплементација на Македонската рамка на квалификации кој ќе биде презентиран на состанокот на Советодавната група за ЕРК во фебруари 2017 во Брисел.

Патоказот се состои од работни пакети,  кои се однесуваат на следните подрачја:

  1. Концептуална рамка,
  2. Управување со МРК и вклученост на заинтересираните страни во целиот процес на МРК, Имплементација на резултатите од учење,
  3. Развивање и имплементација на процесот на признавање на неформалното и информалното учење,
  4. Вклучување на квалификациите во МРК,
  5. Осигурување на квалитетот,
  6. Законска поставеност и
  7. Осигурување на квалитет во спроведување на патоказот.

Во овие подрачја се предвидени низа активности за понатамошна имплементација на Македонската рамка на квалификации во насока на нејзина одржливост.

На работилницата присуствуваа преставници од повеќе образовни институции, комори, организација на работодаваци и меѓународни координатори на проекти кои се спроведуваат во Репубулика Македонија. Работилницата ја водеа меѓународни експерти, членови на Советодавната група за ЕРК, г-ѓа Ewa Chmieletcka и г-динот Миле Џелалија.




Преку конкретни стимулативни мерки до очекуван раст и приход од туризмот во вкупната економија

На покана на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија и Министерството за економија на РМ, Државниот советник, Наташа Јаневска, учествуваше на Конференција на тема: ,,Преку конкретни стимулативни мерки до очекуван раст и приход од туризмот во вкупната економија,, што се одржа 6 декември 2016 година, во Стопанска комора на Македонија, на која зборуваше за реформите во образованието и обуката во насока на стекнување на подобри квалификации релевантни на пазарот на труд, посебно во секторот за угостителство и туризам, на ниво III, IV и VI од Македонската рамка на квалификации и мобилност на работната сила.

Таа истакната дека улогата на сите заитересирани страни во овој процес е од непроценливо значење, посебно од страна на бизнис секторот, во изготвувањето на стандардите на занимања и стандардите на квалификации базирани на резултати од учењето, во дизајнирањето на наставните и студиски програми согласно стандардите, изведувањето на практичната настава кај работодавачите за стекнување на практичните вештини на учениците/студентите, како можност за обезбедување на квалитетен кадар со подобри квалификации при вработување, во кои не ќе треба понатаму многу да вложуваат.

Главен акцент на конференција беше презентирање на конкретните состојби во угостителство и туризмот, но и перспективите согласно потребите и светските трендови и да се добие одговор како преку конкрени стимулативни мерки да се обезбеди очекуван раст и приход на туризмот во вкупната економија.

На конференцијата покрај членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, учествуваа преставници од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, од бизнис асоцијациите ХОТАМ и СКТМ, од средните и високообразовните институции и други институции и организации кои во овој период активно работат на преземање одредени мерки во насока на реформирање на секторот угостителство и туризам по разни основи.

Работилници за членовите на Националниот Одбор за МРК

Во рамките на ИПА Твининг проектот: „Понатамошно подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка за квалификации“ – MK 13 IPA SO 02 15, кој започна на 18 јануари 2016, како поддршка на процесот за натамошно унапредување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации, се одржаа неколку работилници за членовите на Националниот Одбор за Македонската рамка на квалификации и останатите чинители поврзани со системот на квалификации.

Работилниците беа водени од интернационални експерти од Полска, Шкотска и Хрватска на кои споделија искуства и добри практики од нивните земји и се дискутираше за прашања поврзани со Македонската рамка на квалификации (институционална поставеност на системот за МРК, хармонизација на законската легислатива со Законот за НРК, усогласување на терминологијата во сите закони со НРК, видовите на квалификации и стандардите на занимања и на квалификации). Посебен акцент се стави на процесот на осигурување на квалитет во системот на квалификациите и за надзорот на квалитетот во неформалното стекнување на квалификации.

На овие работилници експерти од Шкотска, Полска и Ирска презентираа искуства од своите земји за начинот како се развиваат квалификациите и нивно вклучување во рамка на квалификации, кои се телата кои ги дизајнираат квалификациите и телата кои го одредуваат нивото и ги вклучуваат квалификациите во рамката, какви процедури и методологии имаат развиено за тој процес и за стандардите на занимања и на квалификации. Експертот од Франција го презентираше искуството за процесот на валидација на неформалното и информалното учење и вклучување на квалификации стекнати по пат на неформално учење.
Работилниците се одржуваа во повеќе институции како стопанска комора на РМ, Занаетчиска Комора на град Скопје, Полската амбасада во Македонија, Машински факултет, Скопје и Комората за туризам, Скопје.

Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со членови на Националниот Одбор за МРК – преставници од МОН, денеска присуствуваше на конференцијата „Како до подобри квалификации во соработка со работодавачите“, во организација на Стопанската комора на Македонија.

Во своето обраќање Ристовски истакна дека Министерството за образование и наука има направено низа реформи и активности за подобрување на можностите за стекнување и примена на образовните квалификации и зголемувањето на нивната препознатливост. За таа цел во 2013 беше усвоена Македонската рамка на квалификации која е во согласност со Европската рамка на квалификации што претставува врска помеѓу системите на квалификации на различните земји и инструмент за олеснување на комуникацијата меѓу нив. Но најважно од сé е потенцираше Ристовски , овој национален стандард да заживее, за што од голема помош е вклученоста на бизнис заедницата во него.

„Со зголемувањето на важноста на доживотното учење и зголемената потреба за флексибилен пристап до образование и обука согласно потребите на пазарот на трудот, се јавува потреба од зголемување на транспарентноста на квалификациите стекнати формално или неформално, во земјата и во странство. Образованието и обуката имаат клучна улога во развојот и промоцијата на општество засновано на знаење, конкурентност и иновативност, а тоа ни е потребно за да можеме да одговориме на предизвиците на глобализацијата“, рече Ристовски.
Минатата година беше формиран Националниот одбор за Македонската рамка за квалификации кој веќе работи и во кој се вклучени членови од стопанските комори. Информации за активностите може да следат на www.mrk.mk, каде е достапен и Каталог на квалификации кој ќе прерасне во Регистар на квалификации.

По завршување на конференцијата членовите на Националниот Одбор за МРК одржаа средба со преставници од работодавачите и студентите на која беше презентирано значењето на МРК, како национален стандард на нашата земја кој го регулира стекнувањето и користењето на квалификациите, од аспект на работодавачите како побарувачи на квалификациите за пополнување на работните места и од аспект на студентите кои ги стекнуваат квалификациите за побрза вработливост, личен развој и мобилност, како во образованието и обуката, така и на пазарот на труд.