Во рамките на понатамошната имплементација на Националната рамка на квалификација во нашата земја на 22 септември 2016 во ЕУ Инфо Центар (Делегација на ЕУ), се одржа јавна дебата на тема: ,,Предизвиците поврзани со понатамошната имплементација на Македонската рамка на квалификации и вклученоста на различните засегнати страни во тој процес,, , притоа имајќи ја предвид новата агенда за вештини на Европа ,,New Skills Agenda,, и предложеното ревидирање на препораките за Европската рамка на квалификации.
За време на дебатата, предводена од националниот координатор за Национална рамка за квалификации, Наташа Јаневска, државен советник во МОН, беа презентирани национални искуства поврзани со развивање и имплементација на системот на квалификации од страна на меѓународни експерти од Република Полска, Република Хрватска, Шкотска, Франција и Чешката Република и даден приказ за досегашната состојба на имплементацијата на Македонската рамка на квалификации. На јавната дебата се дискутираше по однос на неколку прашања:
• Како да се постигне поголема видливост на MРК?
• Кои се најважните предизвици за имплементацијата на MРК од перспектива на државата?
• Каква треба да биде улогата на засегнатите страни во MРК системот, неговата имплементација и раководење?
• Кои треба да бидат следните чекори за имплементацијата на MРК?
Врз основа на дискусиите, фокус се стави на неколку приоритетни активности:
1. Подготовка на стратегија за транспарентност и зголемување на видливоста на Македонската рамка на квалификации;
2. Развој на транспарентен регистар на квалификации;
3. Развивање на методологија и пристап за вклучување на квалификации во МРК, како и нивна редовна ревизија и ажурирање;
4. Обезбедување на доволно средства за реализација на Македонската рамка на квалификации и
5. Промовирање на вклученоста на засегнатите страни и социјалните партнери преку градење на сопствена рамка.
На јавната дебата учествуваа преставници од повеке институции од областа на образованието, комори и работодавачи кои учествуваат во развивањето и спроведувањето на решенија и процедури, вклучително и опишување на квалификациите со резултати од учење или одредување нивоа за квалификациите, како и меѓународните екперти: г-ѓа Агнешка Клон Доминжак (Agnieszka Chłoń-Domińczak) од Полска, г-ѓа Брижит Букет (Brigitte Bouquet) од Франција, г-ѓа Милада Сталкер (Milada Stalker) од Република Чешка, г-дин Миле Џелалија (Mile Djelalija) од Хрватска и г-дин Едвард Стаудекер (Еduard Staudecker) од Австрија.
На 34-тата Седница на Советодавната група за Европска рамка на квалификации која се одржа од 3-4 февруари 2016 година во зградата van Maerland во Брисел, Република Македонија успешно го презентираше и одбрани Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации. Делегацијата на Министерството за образование и наука ја сочинуваа: Наташа Јаневска, Државен советник; Борчо Алексов, Помошник раководител за високо образование; Нада Стоименова и Аспасија Хаџишче, советници.
Советодавната група за Европска рамка на квалификации е основана од страна на Европската Комисија за подршка на спроведувањето на препораките на Еврпскиот парламент и Советот на Европа за воспоставување на Европска рамка на квалификации за доживотно учење од 23 април 2008 година. Советодавната група за Европска рамка на квалификации е одговорна за обезбедување на целокупната кохерентност и промовирање на транспарентноста на процесот на поврзување на системите за квалификации со Европската рамка на квалификации. Советодавната група ја сочинуваат претставници на земјите членки на Европската унија, земјите кандидати за членство, социјални партнери, младински организации и други релевантни организации и здруженија.
Заради спроведување на препораките за Европската рамка на квалификации, Советодавната група има за цел да обезбеди дека методологиите кои се применуваат од страна на земјите за поврзување на националните нивоа на квалификации со Европската рамка на квалификации се кохерентни и даваат консистентни резултати како и тоа дека се следат јасни процедури и критериуми за прикажување на достапните информации за начинот на примена на методологиите за поврзувањето на националните квалификации во согласност со усвоените критериуми и процедури за поврзување со Европската рамка на квалификации. Во рамките на својот мандат Советодавната група се грижи и за понатамошното развивање на Европската рамка на квалификации, соработката со Европскиот простор за високо образование, со Евроските вештини, компетенции и занимања (ESCO) како и со другите европски иницијативи.
Процесот за поврзување на Македонската рамка за квалификации со Европската рамка за квалификации траеше речиси две години и во склоп на активностите по тој повод беа одржани бројни семинари и јавни расправи во кои беа вклучени сите релевантни општествени чинители, надлежни органи, студенти, образовни установи, здруженија, институции и работодавачи, како резултат на што беше изготвен извештајот.
Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации се осврнува на националниот систем за образование, системот за обезбедување на квалитет при стекнување на квалификациите и одговор на десетте критериуми за поврзување со Европската рамка за квалификации. Покрај ова, Извештајот на Република Македонија ги содржи и одговорите на критериумите и процедурите за самопотврдување на Националната рамка на високообразовните квалификации којашто е обврска од Европскиот простор на високо образование (Болоњскиот процес).
Критериумите за процесот на поврзување изискуваат и вклучување на меѓународни стручњаци. Во случајот на Македонската рамка на квалификации како меѓународни стручњаци беа вклучени госпоѓа Едварда Кастел Бранко од Европската фондација за обуки и господин Миле Џелалија од Хрватска кои со своите препораки и искуство имаа значителен придонес во квалитетот и прегледноста на содржината на извештајот.
Претставувањето на Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации го најави госпоѓа Ана Карла Переира, претседавач на Советодавната група која ја поздрави делегацијата на Република Македонија и ги запозна членовите со активностите и напорите на Република Македонија за воспоставување на Национална рамка на квалификации и нејзиното поврзување со Европската рамка на квалификации како и со активното учество на земјата преку својот претставник во Советодавната група.
EQF_AG_Referencing Macedonian_Qualification Framework 3-4 Feb 2016 BXL (2)
Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со европската, беше успешно презентиран и одбранет во Брисел, истакна на денешната прес конференција заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, која ја одржа заедно со директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров. Ристовски потенцираше дека Република Македонија две години работела на изготвување на Национална рамка на квалификации, како национален стандард за регулација на стекнувањето и користењето на квалификациите, кој требаше да биде усогласен со Европската рамка на квалификации.
„Членовите на Советодавната група за Европската рамка на квалификации, основана од страна на Европската Комисија, констатираа дека Извештајот е јасен, прегледен, соодветствува на својата намена и истиот едногласно го прифатија. Особено ми е драго што овој процес го завршивме за релативно многу пократок период, во однос на некои поразвиени европски земји на кои извештаите сеуште не им се прифатени, иако ги имаат поднесено пред нас“, рече Ристовски.
Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската, беше изготвен од страна на помала работна група за изработка на Извештајот за усогласување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка и самопотврдување на Националната рамка на високообразовните квалификации којашто е обврска од Европскиот простор на високо образование, во состав: Аспасија Хаџишче, Наташа Јаневска, Нада Стоименова и Борчо Алексов, претставници од МОН. Извештајот во текот на неговата подготовка беше искомунициран со повеќе чинители вклучени во процесот на развивање и имплементација на МРК преку презентации, работилници, состаноци, дебати и сите мислења и сугестии беа внесувани во Извештајот.
Ристовски рече дека усогласувањето на Македонската рамка на квалификации со Европската ќе овозможи дипломите кои во иднина ќе се издаваат во Република Македонија да имаат европски предзнак, со што ќе гарантираат дека квалификацијата за која се однесуваат постои и во Европската рамка на квалификации.
„Ова значи дека се олеснува процесот на признавање на домашните квалификации во странство и обратно, а тоа дополнително ќе ја унапреди мобилноста на пазарот на трудот, но и на студентите, учениците и нивните наставници. Вака поставена, рамката за квалификации ќе биде алатка за подесување на квалификациите, како за општествените и потребите на пазарот на труд, така и за потребите за личен развој во контекст на доживотното учење на секој поединец посебно и за вреднување на неговите постигнувања на системски уреден и одржлив начин“, рече Ристовски.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Димитров додаде дека Македонската рамка на квалификации ќе претставува транспарентен систем кој дава основа за стекнување на квалификациите, проодност и квалитет на квалификациите.
„Посебно се издвојува улогата која ќе ја има за зголемување на квалитетот и на квантитетот на меѓународните мобилности во процесот на учење, но и на мобилностите за обуки во рамките на пазарот на трудот. Успехот со поврзување на македонската со европската рамка на квалификации е од големо значење за Република Македонија и, всушност, значи приклучување на македонскиот образовен систем кон европскиот образовен простор“, рече Димитров.
Процесот за поврзување на Македонската со Европската рамка на квалификации траеше две години. Во 2013 година беше донесен Закон, врз основа на кој потоа рамката на квалификации беше усвоена. Минатата година беше формираан Националниот одбор за македонската рамка на квалификации, кој ќе биде координативно тело на процесот на нејзината имплементација.
На 23-ти и 24-ти ноември 2016 во Брисел, Кралство Белгија, Наташа Јаневска, Државен советник, Аспасија Хаџишче, советник и Борчо Алексов, Помошник раководител за високо образование и член на Советодавната група за Европската рамка на квалификации, учествуваа како панелисти на конференцијата „Организирани за подобри квалификации“ во организација на Европската фондација за обуки (ETF).
Инспирацијата за Конференцијата се темели на неодамнешната студија за напредокот во спроведувањето на националните рамки за квалификации и потешкотиите со кои се соочуваат земјите на тој пат. Заради обезбедување услови за што подобри квалификации на граѓаните, Европската фондација за обуки (ETF) обезбеди средба на која сите партнери од различни земји ги разгледаа можностите за забрзување на овој процес со фокусирање на четирите носечки активности: законодавството, вклученоста на партнерите, улогата и функцијата на надлежните органи како и прашањата за обезбедување на квалитетот на квалификациите.
Претставникот на Министерството за образование, Борчо Алексов беше поканет, во својство на говорник, на работилницата посветена на законодавството, односно прописите за Националните рамки за квалификации со што уште еднаш од страна на Европската фондација за обуки (ETF) на Република Македонија и беше укажана голема чест како на земја кадешто посветено се работи на Македонската рамка за квалификации. Повеќе корисни материјали, алатки, филмови, блог, и резултати од расправите и стручни согледувања од конференцијата се достапни на интернет страниците: www.qualificationsplatform и www.etfqual.eu.
Националниот Одбор за МРК ја одржа втората седница на која го донесе Деловникот за работа на Одборот и дискутираше за прашања поврзани со МРК. Утврдувањето на критериуми за избор на членови на Секторските комисии беше едно од прашањата кои треба да се решат, бидејќи согласно Законот за НРК, Секторските Комисии, потребно е да се формираат во тек од 6 месеци по формирање на Одборот, како и појаснување на употребата на терминологијата „образовни“ и „стручни“ квалификации. Воведувањето на нов термин со кој би се определиле кои се „целосни“, а кои „делумни“ квалификации, исто така беше една од темите на кои се дискутираше, бидејќи и двете квалификации се потребни за пазарот на труд и обезбедување и надзорот на квалитетот во неформалното стекнување на квалификации. На состанокот се отвори и расправа за Стандардите за занимања и стандардите за квалификации, односно за кои видови квалификации ќе биде задолжително изготвувањето на стандард за занимање/квалификација. а за кои нема да биде нужно и која ќе биде постапката за одобрување на високообразовните квалификации, дали има потреба од формирање на посебни Секторски комисии за овој вид на квалификации и врската на Националниот Одбор за МРК со Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.
Како дилема остана да се размисли дали професионалните квалификации треба да бидат вклучени во регистарот на квалификации.
По однос на наведените прашања, Националниот Одбор во периодот кој следи но најмногу за два месеци ќе изгради ставови и тие ќе бидат преточени и усогласени со политиките на рамката за квалификација како и во прописите кои ќе се носат. За таа цел потребно е искористување на потенцијалите кои се нудат преку присуството на странските стручњаци од расположливите проекти и соработки, сознанијата и другите видови на соработка.
На седницата г-ѓа Аспасија Хаџишче и г-ѓа Нада Стоименова, членови на основната група за изработка на Извештајот за поврзување на македонската рамка за квалификации со европската, имаа презентација за прифаќањето на Извештајот за поврзување на Македонската рамка за квалификации со Европската рамка за квалификации од страна на Советодавната група за Европска рамка на квалификации при Европската комисија и за коментарите и заклучоците за превземање на соодветни дејства кои се во надлежност на Националниот Одбор за МРК, а г-ѓа Беата Балинска, постојан твининг советник на земјата-членка, имаше презентација за тековните и претстојните активности од ИПА твининг проектот за “Понатамошно унапредување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации” МК 13 ИБ СО 02 15 и за одржаните обуки во негови рамки, нивната полезност и примена како и понатамошните потреби.
Zakon_za_nacionalna_ramka_2013
Македонска рамка на квалификации
Собранието на Република Македонија на 72 седница, одржана на 23.09.2013 год. ја усвои Македонската рамка на квалификации и Законот за националната рамка за квалификации.
Донесувањето на Македонската рамка на квалификации претставува важен сегмент во процесот на реформи што ги презема Република Македонија во образованиот систем. Истовремено Р.Македонија прави напори да се доближи и до европскиот систем на вредности, кој ќе овозможи поголема мобилност, како на полето на образованието, така и на полето на пазарот на трудот.
Македонската рамка на квалификации ги опфаќа сите нивоа на квалификации кои може да се стекнат низ сите видови на образование и обука (формално и неформално образование) што овозможува тесна врска помеѓу образованието и обуката и пазарот на трудот.
Со имплементирањето на Македонската рамка на квалификации ќе се овозможи лесна препознатливност на постоечките, и новите квалификации, од сите нивоа, од страна на работодавачите во земјава и во странство. Со тоа ќе се овозможи поголема вработливост на пазарот на трудот.
Рамката има 8 нивоа и описи за секое ниво. Со описите се одредува нивото на комплексноста на знаењата, вештините и компетенциите. Описите на квалификациите се засноваат на резултати на учење и претставуваат збир на сертифицирани и документирани резултати на учење (знаења, вештини и компетенции) во согласност со дадени стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.
Таа истовремено е инструмент за комуникација помеѓу различни делови од системот на образование и обука и помеѓу заитересираните страни корисници на истата (институции, ученици, студенти, наставници, родители, работодавачи, понудувачи на обуки, креатори на политики, комори, организација на работодавачи и сл.)
Но, како значаен придонес е систематско вклучување на работодавачите во образовниот прoцес, со што ќе се зголеми релевантноста на сите видови квалификации, кон потребите на бизнисите.
Koristenje na kvalifikaciite turizam BA (1)
NRK_Uloga na socijalnite partneri_NJ
Во рамките на спроведувањето на НРК и активно вклучување на работодавачите во целиот процес, од 23 до 25 септември, се одржа работилница во организација на Министерството за образование и наука и Британскиот Совет во Република Македонија, а со подршка на Коморите.
Работилницата беше посветена на улогата на Секторските комисии со посебен осврт на Секторот туризам и угостителство.
На работилницата учествуваа преставници од Сојузот на коморите, Стопанска Комората за Туризам на Македонија, преставници од министерството за образование и наука, Британскиот совет, наставници по практична настава од стручните училишта, советникот од Центарот за стручно образование и обука за туризам и угостителство, претставници од работодавачите од угостителско – туристичката струка и преставници од понудувачите на обуки.
Работилницата ја водеше експертот за квалификации од Секторот туризам и угостителство од Велика Британија, г-дин Стефан Џон. На работилницата беше презентирана Националната рамка на квалификации и улогата на социјалните партнери, квалификации од областа на туризмот, состојбата во туризмот во Македонија и искуствата што ги имаат работодавачите во Македонија од оваа област. По презентирањето на најдобрите практики од Велика Британија за улогата на Секторските комисии, работилницата се насочи кон надлежностите и улогата на Секторските Комисии во РМ предвидени во Законот за Националната рамка на квалификации и нивната улога во анализите на пазарот на труд, во предвидувањето на потребите од вештини и спојување на обуките во однос на потребите на пазарот. Вториот дел од работилницата беше насочен кон изработка на квалификации во насока на јакнење на капацитетите на корисниците на НРК.
Резутат од работилницата ке биде изготвување на нови квалификации кои се најбарани на пазарот на труд од Секторот туризам и угостителство.
На вториот состанок одржан во период од 12-14 април 2015 година во Брисел пред Советодавната група за Европската рамка на квалификации при Европската Комисија беше презентиранНационалниот извештај за напредокот во спроведувањето на Националната рамка за квалификации и нејзиното референцирање со Европската рамка на квалификации.
Претставниците на Министерството за образование и наука пред претставниците од земјите членки на Европската Унија одговараа на прашањата поврзани со сегашните состојби во образовниот систем и процесот на издавањето и користењето на квалификациите како и за претстојните активности поврзани со процесот на понатамошно усогласување на Националната со Европската рамка на квалификации. Особен интерес за состојбите беа искажани од стана на Велика Британија, Франција, Малта, Германија, Советот на Европа, и други.
Вовед во националното претставување дадоа меѓународните експерти од Европската Фондација за обука и Хрватска.
Во периодот од 18 до 22 мај 2015 год. потесната група за подготовка на Извештајот за упатување на НРК со ЕРК беше посетена и активно работеше со интернационалниот експерт и член на Советодавната група за ЕРК при ЕК, проф. Миле Џелалија. Фокусот на работењето беше ставен на исполнувањето на десетте критериуми за НРК за доживотно учење во Извештајот за упатување на НРК со ЕРК и на шестте критериуми и десетте процедури на самоупатувањето на НРК за високообразовните квалификации.
Во целиот процес посебно вниманието беше насочено на хармонизацијата на критериумите при опишување на вклученоста на сите чинители во процесот на НРК и задачите на работните групи за изработка на НРК (Критериум 1), нивоата и описите на нивоата во НРК и нивна споредливост со ЕРК (Критериум 2), дефинирањето на резултатите од учење, кредитниот систем и валидацијата на неформаното и информалното учење (Критериум 3), процедурите и документите каде се предвидени сите постапки (Критериум 4) и најтешкиот Критериум 5 – Осигурувањето на клвалитетот ни целиот процец, тргнувајќи од влезните елементи, процесот на наставата (наставни планиви кои се дефинирани врз основа на резултатите од учење, методи и форми, кој предава, како се предава, просторни услови, опрема), процесот на учење, и излезните елементи – остварување на резултатите од учење.
При опишувањето на критериумите секогаш се тргнуваше од законската регулатива, се опишуваше сегашната состојба и кои се идните планови за реализација на поставените цели.
Во координација на Министерството за образование и наука во периодот од 13 и 17 октомври се одржаа работилници за референцирање/ упатување на Националната рамка за квалификации (НРК) со Европската рамка за квалификации (ЕРК).
На работилницата учествуваа експерти и членови на Советодавната група за ЕРК при Европската комисија, г-ѓа Едуарда Кастел Бранко, менаџер на нашата земја од ЕТФ, експертот од Хрватска, г-дин Миле Џелалија, експертот од Австрија, г-дин Едвард Стејдекер, експертот од Црна Гора г-дин Рајко Косовиќ, експертот од Унгарија г-ѓа Ерзбет Зламка и г-ѓа Мирјам де Јонг од Холандија, при што беше презентиран првиот нацрт-Национален Извештај за референцирање на НРК со ЕРК, кој се заснова на реалната состојба на образовниот и квалификациониот систем во нашата земја и исполнување на критериумите утврдени од Европската Унија.
НРК, односно Македонска рамка на квалификации, претставува единствена, целосна и системски уредена структура за систематизирање, опишување и развој на квалификациите и можност за мобилност, на учесниците во процесот на образованието и обуката, вработените и бизнисите, да оперираат во уште по глобални пазари и како можност за доживотно учење во насока на продлабочување на знењето, вештините и зголемување на квалификациите кај учесниците во процесот на учење.
Националната рамка на квалификации опфаќа 8 нивоа и 2 поднивоа на квалификации кои може да се стекнат низ сите видови на образование и обука. За секое ниво на квалификации има описи со кои се одредува нивото на комплексноста на знаењата, вештините и на компетенциите (самостојност и одговорност).
Описите на квалификациите се засноваат на резултати на учење.
Во таа смисла, квалификациите претставуваат збир на сертифицирани и документирани резултати на учење (знаења, вештини и компетенции) во согласност со дадени стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.
Во тек е процес на референцирање/упатување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации, a придобивки од процесот на референцирање/упатување ќе имаат сите заинтересирани страни. Учениците, студентите и другите учесници во образованието и обуките ќе бидат мотивирани за вклучување во процесот ако точно знаат кои знаења, вештини и компетенции им се потребни, за да ја добијат саканата квалификација.
Работодавачите ќе ги употребуваат ако се сигурни дека тие гарантираат знаење, вештини и компетенции.
Образовните институции и институциите за обука ќе ги прифатат само ако квалификациите ги осигуруваат влезните критериуми за програмите кои што ги нудат.
Наставниците и обучувачите исто така мора да бидат вклучени во процесот за да знаат како квалификациите да ги применат во учењето.
Поединците ќе ја користат за напредок, како и учество во процесот на доживотното учење.
Активното вклучување на сите заинтересирани страни треба да придонесе за поголема мобилност, поголема мотивација за учење, поголема атрактивност на учењето формално и неформално.
Сите заинтересирани страни треба да бидат добро информирани за резултатите на процесот на упатување и последиците од резултатите на процесот врз нив, бидејќи упатувањето ќе има големо влијание на системот за квалификации во земјата, вклучувајќи го и обезбедувањето на квалитет, вработливоста и социјалната интеграција на оние што учат и работниците во целото општество.
Ова е веке трета работилница за`референцирање на НРК со ЕРК. Првата работилница се одржа во мај 2014 година на која се работеше на изгледот на Извештајот и градење на човечки капацитети кои ќе учествуваат во пишувањето на Извештајот, а втората работилница се одржа во јули на која се дефинираа поглавјата и критериумите што треба да се исполнат во Извештајот.